Таа е софистицирана девојка, вистински професионалец во својата работа, харизматична личност, која не признава табу-теми и која во сите ситуации е искрена и без влакна на јазикот. Без разлика дали некому му се допаѓа или не, таа точно 32 години, си го тера филмот според нејзините правила и пријатно друштво им е на слушателите на “Сити радио“, а воедно и водителка на познатиот квиз “Најслабата алка“ на ТВ “Алфа“.

Жиле, среќен 32 роденден! Многу сум љубопитна што ќе посакаш кога ќе ги дувнеш свеќичките на тортата? Можеби во план ти е мажачка?
(Се смее)... Имам една желба, ама не ви ја откривам, бидејќи ако ви кажам - нема да ми се исполни.

Што се случува со браковите на нашава естрада, од што се плашите? Се потешко е да се изговори судбоносното ДА, а лесно е за “крај на играта“.
Тоа е индивидуална работа, таа потреба да се направи чинот. Гледам дека во последно време многу брачни заедници се растураат, не знам дали е поради непочитување или заради различно сфаќање на нештата. Не знам што им е вистински предизвик за да влезат или да излезат од неа. Јас живеам со мојот дечко во предбрачна заедница.

Каков е твојот став за спонзорушите од јавниот живот, познаваш ли некоја актуелна на естрадата?
Тој термин “спонзоруша“ ми е малку чуден, па ми звучи малку озборувачки. Во светот тој занает постоел уште многу оддамна, но се дефинирал како занимање што до денес се практикува како една неформална професија. Имам една црта во мојот карактер што не ми дозволува да осудувам нечии одлуки и нечиј живот.

Чувствуваш ли дека оние со ”поинакви’’ сексуални определби добиваат повеќе внимание од јавноста и простор на медиумите?
Не сум хомофобична, секој има право на свој избор и на своја интима. Дали некој ќе одлучи да биде геј во животот - тоа е негов избор. Мене ме нервираат ексцентрични луѓе, кои бараат внимание и од тој аспект прават работи што можеби и не им се блиски, се од желба да се покажат како ексцентрици, да бидат забележани. Вистински ме излудува нешто поразлично во негативна смисла, кое медиумски ќе помине, а ние си фаќаме сеир. Тоа се пласира и се џвака во медиумите. Се пласираат програми, кои се под секое ниво, наместо емисии како на Џери Спрингер. Нека се задржи нивото со емисии како на Опра.

Поминува ли кај тебе Жаре Берберот со неговото шоу ”Кој те шиша”, кој ужива висок рејтинг на гледаност?
Искрено, Жаре не го гледам, зошто мене лично не ми се допаѓа тој концепт. Не можам да најдам нешто што мене би ме привлекло, нешто што може да го карактеризира како добар ТВ-водител, зашто тој не го печел занаетот, т.е. нема искуство зад себе за да го оценувам како ТВ-водител. Тој сега се појави на телевизија, направи шоу во кое се игра и се пее и тоа е тоа. Можеби низ годините ќе се докажува, можеби ќе биде инстант-водител, но времето ќе покаже, не би сакала однапред да давам суд.

Со Антонио Димитриевски и со Иван Мирчевски се најдовте во едно убаво време на забавната програма на МТВ. Не ви дошла идеја повторно да се споите во некој заеднички проект?
Ние бевме во забавната програма, но по заминувањето, тргнавме секој по свој пат. Иако, мора да кажам дека од МТВ излегоа најквалитетните кадри, кои ги поставуваат стандардите и во приватните телевизии. Со ХАнтониоХ се сретнавме на проектот околу “Радискиот фестивал“, кој го подготвува тој и останавме на тоа.

Дали си запозната со судскиот спор меѓу твојот екс-колега Антонио Димитриевски и Кристијан, “План Б“?
Прочитав за тоа, но не би сакала да коментирам. Колку сум подалеку од тие случувања, толку ми е поубаво. Убаво освежување ми дојде што направив пауза од телевизиските проекти и малку се оддалечив, и тоа беше добра промена за мене, која ме освежи на некој начин и ми даде енергија и предизвик за нови проекти.

На пример, со македонската верзија на квизот “Најслабата алка“, кој се емитува на телевизијата “Алфа“, со кој стартувавте во мај? Како си задоволна од реакциите на гледачите?
Луѓето многу позитивно го доживеаја квизот, што не е чудно, бидејќи тој се емитува во повеќе од 70 земји. Гледачите го познаваат неговиот концепт, што ни овозможи полесно да биде прифатен. Иако досега имавме само 12 епизоди, сепак наидовме на одлични критики.

Кои од познатите личности од естрадата имаш желба да ги наредиш пред тебе?
Во концептот на квизот се планираат и посебни изданија, чии средства би оделе во хуманитарни цели. Имаме во план да не дружат умни луѓе, од типот на Џамбазов, Весна Бејбе, од која имав поддршка уште пред да почне емитувањето на квизот, а планирам да го донесам и Дадар.

Во квизот Карика си многу директна, да не кажам цинична кон натпреварувачите. На кого повеќе им упатуваш саркастични коментари, на момците или на девојките?
Јас сум понежна во комуникацијата со учесниците од многу мои колеги на тој квиз. Но од септември ќе видам. Моќта е кај жените, па во овој серијал тие беа поштедени.

Читателите сигурно ќе ги интересира дали дома го креваш гласот и на твоето момче?
(Се смее)... Дома сум како путер, што би се рекло како - маче.

Дали е можеби за тоа заслужно твоето момче, да не е многу строг кон тебе?
(Се смее)... Не е лесно мене да ме издржиш како жена. Се шегувам, јас имам врска што се темели на искреност и на љубов. Заедно живееме и се разбираме.

Познато е дека жените се визуелни суштества. Што прво забележуваш кај посилниот пол?
Очите и рацете.

Ама една народна вели ”долги раце - долг среден екстремитет ’’...
Еј, од каде сега ова?! Не ми падна на памет дека можеш да помислиш вакво нешто. Ја сакам негувани раце, затоа што убаво изгледаат, и многу природно и хигиенски е да имаш маникирани нокти и негувани раце.

Се шпекулира дека ти си заслужниот стројник за успешниот почеток на врската на Каролина Гочева и Јован Пановски?
Не сум јас стројникот, но многу бев среќна кога Каролина и Јован ми кажаа дека се во врска, и навистина од се срце им посакувам многу среќни моменти. И двајцата ги познавам уште пред да се во врска и суперлуѓе се.

На нашата естрада сите се декларираат дека се пријатели, дека се сакаат и не се озборуваат, а искуствата се поинакви - кавги, озборувања, препукувања по медиумите, како и судски спорови...
Јас имам голем круг пријатели меѓу јавните фаци со кои сакам да се напијам кафе, да си помуабетам за одредени работи што не поврзуваат, меѓутоа оној тесен круг на луѓе со кои можам да ја споделам својата интима се малку, да не речам дека се бројат на прсти. Знам дека утре нема да ме изневерат или пак, не дај боже, еден ден со нив да се препукувам по весници. На тој начин се заштитувам со тоа што знам да направам граници со кои луѓе можам до каде да одам за да не бидам повредена на каков било начин.

За кого навиваш на ова Светско фудбалско првенство?
Ја поддржувам екипата на дечко ми, Шпанија.

Во што ќе уживаш ова лето?
Да бидам искрена, ќе уживам во патувањето со моето момче, на една авантуристичка тура низ Италија, а следна дестинација е морето. Бегството ќе го направиме на некој остров.

Можеби ќе уживате во нудистичката слобода?
Навистина не сум љубител на групни посети на нудистички плажи. Можеби ќе се искраднеме некаде самите, па да се споиме со природата (се смее)...
 


Podeli sa prijateljima