Ако кажеме Владимир Блажевски, речиси никој нема да знае за кого станува збор. Овој дечко веќе има добиено медиумски признанија дека е еден од креаторите на рап-културата во Македонија. Тој е еден од ретките што благодарение на својата промотерска агенција “Sure Shotz Entertainment“ успеал да ги донесе на македонска почва светски познатите рап-артисти, се со цел да се забавува македонската младина. Ако ги спомнеме хитовите “Полна месечина“, “Спонзоруша“, а сега и новиот албум “Кажано е се“, веќе ви е јасно дека станува збор за диџеј Шорти или за Панчо од “ДНК“.

Најпрво, да ти честитам за албумот “Кажано е се“.
Фала ти за честитките...(се смее)

Веруваш ли дека веќе кажа се или има уште многу за кажување?
Па не би рекол дека се е кажано, “ДНК“ има уште многу идеи кои од септември, па натаму полека ќе и ги презентира на публиката. Инаку, сега е време да уживаме во тоа што го сработивме, за тоа што напорно работевме во изминатиот период. Кажано е се за ова поглавје, другото продолжува..... тиииит (се смее)...

Сигурно си информиран како оди продажбата засега, задоволен ли си?
Сега не можам да ти одговорам на ова прашање, бидејќи цедето го дистрибуиравме пред седум дена, а обично се сумира квартално, односно на секои три месеци. За ова прашање ќе мора да ти одговорам во септември (се смее)...

Колку време им требаше на “ДНК“ да го издадат албумот?
“ДНК“ за овој проект чекаше цели три години, песна по песна, хит по хит, и последнава година ни даде најголем мотив за да ја заокружиме целата приказна наречена – “Кажано е се“.

Слушнав дека сте имале проблеми со наоѓање на спонзори, но на крај на цедето видов испишано многу... Уште една шпекулација?
Па не би рекол дека имавме проблеми, секој може да го земе цедето и да погледне колку многу ги има. Јас, еве јавно им се заблагодарувам на сите спонзори што веруваа во нас и што не поддржаа.

Што има друго на професионален план, нешто неоткриено пред јавноста?
Па ако откријам тоа што не го знае јавноста, веќе нема да биде тајна и ќе ни ги откријат плановите што ги имаме во изобилство и кои веќе од септември ќе се реализираат. Не само “ДНК“ туку и сите ексклузивци на продукција “Република“.

Можеби ќе не изненадите со концерт?
Концерт ќе има, секако! Тоа е наша голема желба. Правиме планови и стратегии. Мислам дека сме созреани да направиме една опасна свирка во Скопје, на која ќе владее само позитивна енергија. Би требало да се случи кон крајот од оваа година, само да сме живи и здрави!

Кажи ми што ве натера да го смените стилот на песните, кои некогаш ви беа од типот на “Пази дете“? Наеднаш се комерцијализиравте...
“Пази дете“ ми е многу драга песна, но тоа што публиката ни ги прифатила песните не значи дека сме се комерцијализирале. Публиката е таа што ни го диктира правецот и заедно со нашата креативност правиме состав од меинстрим-музика за сите генерации.

Ви здодеа ли тој андерграунд живот, т.е. борбата со светот да го добиете заслуженото место на музичката сцена како најнормални изведувачи со стил на музика, кој реално во тоа време некако беше осудуван од “цивилизацијата“, па се сменивте? Или можеби парите си го направија своето?
Тоа беа други времиња и постоеше своевиден монопол од студија и продуценти, кои ни ги земаа парите и работеа само колку да снимат нешто. А ние ги слушавме, бидејќи мислевме дека се вљубеници во тоа што го прават, но на крај испадна дека работеле само колку да ни ги соберат парите. Никој не сака да биде андерграунд, но никогаш не ни здодеа да работиме. Дојде денот кога Врчак го препозна нашиот потенцијал и, како еден од најдобрите продуценти и хит-мејкери, не зеде под своја закрила и ете до каде стигнаа “ДНК“ (се смее)... А кога станува збор за парите, тие играат улога, но не се секогаш пресудни. Значи, последниот збор го има песната, ако е добра и ако ја слушаат - ќе имаш настапи, ако не, пак ќе си седиш по дома и ќе сереш и плукаш по сите и сите ќе ти бидат виновни.

Ти лично во кој дел од рап-музиката се пронаоѓаш?
Јас во слободно време слушам сосема поинаква музика од таа што ја работам. Бидејќи колку повеќе слушаш музика, толку си покреативен и поуспешен. Ако треба да одлучам, јас би се сместил повеќе во оној аренби-дел...

Јавноста те запозна како Диџеј Шорти, па како Панчо-ДНК, а да спомнеш Владимир Блажевски, речиси никој нема да знае за кого станува збор. Од каде излегоа прекариве?
(Се смее)... Да, да тука си во право. Па Диџеј Шорти ми е прекар поради мојата висина, т.е. нискост (се смее)..., а Панчо ми дојде од ПАНКЕР. Моите маалски другари, кои беа постари од мене по три-четири години, ме потстрижија - четка и ме викаа “панкер“, па така од панкер произлезе Панчо. Некои луѓе и ден-денес мислат дека моето вистинско име е Панчо, но ете, ти откри дека Владимир Блажев се крие зад Шорти П ака Панчо (се смее)...

Најновата песна што ви е заедничка со Врчак - “Дали би“, ви е копија на хитот од Џеј Зи “Он ту д некст оне“... ОК, текстот е ваш...
Уууф, за тоа нема да се согласам со тебе. Ова ми звучи деградирачки. Може потсеќа, но тотално нема ништо со таа нумера. Дали е лошо да имаш инспирација од артисти како Џеј Зи? Не, не се согласувам со тоа. “Дали би“ е една тотално различна нумера на македонскиот простор и едвај чекаме да видиме како ќе биде прифатена.

Песната ви е топ, но сметам дека сте доволно креативни да направите ваш семпл, мелодија! А не знам зошто ти звучи деградирачки, ако добро следиш, јас на сите им кажувам што мислам, ако има потреба од тоа?!
Па ако не ти е јасно, семпл е дозволено да се земе, па да се сечка, доработува за да се заврши целата нумера. Всушност, тоа е хипхоп-музиката. А деградирачки ми звучи затоа што има многу што преземаат или копираат.

А јас каде спомнав дека не е дозволено да се земе семпл?! Прашав зошто мора да е туѓа идеја, ако си доволно креативен, ќе искреираш нешто што потоа ќе биде копирано или преземено од тебе!
ОК. Фала му на Бога сме креативни, дури и некои песни што ги имаме земено, ги адаптиравме. Секогаш им се додава нешто во аранжманот, а и мелодиската линија е сосема поинаква, т.е. нова од постоечката. Тоа е вид уметност, која не може секој да ја прави... Мислам дека не е грев да се земаат битови од светски познати продуценти, кои ги поставуваат трендовите во рапот.

Кој е твојот идол, кој рапер?
Кратко и јасно ќе одговорам - Ноториус Б.И.Г е човекот кој едноставно ме фасцинира со своите текстови, како римува, со бојата на вокалот. Голема штета што беше убиен и уставно кажано - остана недокажан.

Те радува ли што конечно во Македонија рапот стана на некој начин тренд?
Па рапот одамна е тренд, само што сега има поголемо побарување. Јас пуштам хипхоп од пред седум години и ја знам сржта на тие забави, како функционираат.

Што мислиш, колку имаш придонесено во историјата на рап-културата во Македонија?
Навистина ми е драго што во македонската историја ќе бидам запишан како дел од креаторите на оваа култура, за која мислам дека многу сум придонел, едуцирајќи ги младите со носење на артисти, кои до пред тоа не стапнале во Македонија, а сето тоа благодарение на мојата промотерска агенција “Sure Shotz Entertainment“.

Ви се намалија ли тезгите кога на сцената се пробија повеќе рапери, како што се момците од “Токсикологија“ (Слаткаристика, Скитара, Пука Козметика...)?
А што имаме ние со нив? Какви се нашите допирни точки? Освен дека сме добри пријатели. Па нормално дека не ни се намалија. Ако погледнам во мојот букинг-дневник, во моментот гледам дека до август немаме слободен викенд, па ти сама оцени дали ни се намалени настапите (се смее)...

Во какви односи си со нив, соработувате ли?
Во најкоректни односи, како и досега. Сега тие си имаат свои менаџери, своја продукција и си имаат свои идеи. Знам како се бореле за да стигнат до сето ова и отсекогаш ги поддржував. Тоа е доказ дека со труд, работа и со верба се постигнува се.

А со Тони Зен ги поправивте ли односите?
Ние никогаш не сме биле во конфликт. Најверојатно, патиштата ни се разделија и не правиме муабет поради глупави, детски работи. А најмногу поради други луѓе, кои ти се правеле дека ти се најдобри другари, а те продале за два денари. Ја почитувам неговата работа, секогаш имал добри текстови и секогаш се борел сам против сите. Му посакувам уште многу албуми, хитови и голем концерт, кој го заслужува, па се надевам дека ќе најдам време да присуствувам на концертот.

Ајде малку да те допрам на понежно место... Уште си во врска со Маја?
Овие новинарски прашања ми одат на нерви. Зошто мора да знае цела Македонија за мојата приватност? Ќе бидам лош и нема да одговорам на ова прашање, следното те молам (се смее)...

ОК, дали лошиот Панчо е вљубен?
(Се смее) За да работиш и твориш, факт е дека мора да си вљубен. Па да, еве ќе кажам дека сум вљубен!

Какви очекувања имаш од една врска и дали воопшто си подготвен за тоа?
Па пред се сакам врската да ја градам врз доверба. Ако го нема тоа - нема ни врска. Особено во мојот случај, бидејќи јас 90% од годишните викенди ги користам за настапи, било со “ДНК“, било како диџеј. Тешко е, но ако ја најдеш вистинската, ќе ти биде лесно како песна (се смее)...

Што те пали кај девојките, што ти е фетиш, што најпрво забележуваш кај женскиот свет?
Дојките ми го привлекуваат вниманието. Отсекогаш сум ги сакал. Најверојатно не сум бил доен како мал, па оттаму влечам фрустрации и комплекси (се смее)...

Откриј ми која ти е најсекси женска од нашите познати фацки?
Натали Грубовиќ, Лила Филиповска и Сузана Гавазова. Иако морам да признаам дека ниедна од нив нема дваесет години, ама мислам дека овие три девојки им се влажен сон на многу мажи. Девојки на кои сите млади треба да им завидуваат на изгледот.

На која би сакал да и “ѕирнеш“ под фустанчето?
Брееее... Какви сте вие во “Свет“, се сакате да знаете! Обично не ѕиркам под фустанчиња, зашто ако го направам тоа - враќање нема. Првпат кога ѕирнав под фустанче, јас и девојката на која и ѕирнав ја загубивме невиноста.

И кога веќе спомнавме: чии гаќички ќе се плажираат до тебе ова лето?
Па на личноста што заслужила и што ме исполнува и ми дава поддршка сите овие години.

Веќе избравте дестинација?
Дефинитивно на најубавото хрватско приморје, каде што едноставно ми одговараат климата и луѓето.

 


Podeli sa prijateljima